Светската банка ја зголеми прогнозата за економскиот раст на Црна Гора во 2026 година на 3,3 проценти, што е за 0,4 процентни поени повеќе од пролетните проекции, се наведува во нејзиниот најнов Редовен економски извештај за Западен Балкан.
Светската банка очекува економскиот раст на Црна Гора да забрза годинава, поттикнат од потрошувачката на домаќинствата, инвестициите и успешната туристичка сезона. Во извештајот се посочува и дека Владата најавила мерки во рамки на програмата „Европа сега“, насочени кон подобрување на животниот стандард и забрзување на економското приближување на земјата кон Европската Унија. Со понатамошната разработка на мерките ќе биде потребно да се оценат нивните економски и фискални ефекти, за да се обезбеди фискална одржливост и истовремено да се зајакнат продуктивноста и инвестициите во приватниот сектор.
На ниво на Западен Балкан, просечниот економски раст во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Косово се предвидува да достигне 3,1 процент во 2026 година, наспроти 2,6 проценти во 2025 година. Во 2027 година се очекува растот да забрза на 3,4 проценти и да остане на тоа ниво и во 2028 година. И покрај зголемената геополитичка неизвесност и слабиот раст кај главните трговски партнери, регионот покажал отпорност и продолжил економски да се приближува кон ЕУ, соопшти Светската банка.
Сепак, институцијата предупреди дека само отпорноста нема да биде доволна за да се намали јазот во приходите во однос на ЕУ, ниту за да се создадат квалитетните работни места што му се потребни на регионот. Директорката на Светската банка за Западен Балкан, Сјаочинг Ју, нагласи дека подинамичен приватен сектор е од суштинско значење, повикувајќи на ефикасна и предвидлива регулатива и отстранување на трговските бариери, како на границите, така и во рамки на домашните пазари.
Извештајот ги истакнува и предизвиците со кои се соочуваат извозниците во регионот. Само околу една третина од новите извозни потфати на компаниите од Западен Балкан опстојуваат во првата година, а едвај еден до четири проценти продолжуваат да работат и по пет години. Бидејќи извозниците вработуваат големо мнозинство од работниците во преработувачката индустрија во регионот и обично нудат повисоки плати од споредливите компании насочени кон домашните пазари, Светската банка повика на реформи за поедноставување и дигитализација на постапките, воведување инспекциски контроли засновани на процена на ризик, признавање на усогласените стандарди и квалификации и зачувување на заштитните мерки што служат за легитимни јавни цели.



