Одлуката ја донел Управниот одбор на универзитетот со тајно гласање, при што мнозинството членови гласале за нејзиниот избор, во согласност со Статутот на институцијата.
На нејзиниот избор му претходел предлогот на Сенатот на Универзитетот на Црна Гора, кој претходно со мнозинство гласови ја поддржал нејзината кандидатура. Во текот на постапката, Оровиќ ја претставила својата програма за идниот развој на универзитетот, со акцент на подобрување на квалитетот на образованието и научноистражувачката работа, зајакнување на поддршката за студентите и академската извонредност, создавање инклузивна и општествено одговорна академска заедница и проширување на соработката со пошироката заедница и деловниот сектор.
Ирена Оровиќ дипломирала на Електротехничкиот факултет при Универзитетот на Црна Гора во 2005 година, ги завршила магистерските студии во 2006 година, а докторирала во 2010 година, специјализирајќи се за временско-фреквенциска анализа и обработка на сигнали.
Во звањето редовна професорка е избрана во 2020 година, а зад себе има значајни академски и истражувачки резултати, меѓу кои околу 150 објавени научни трудови, од кои речиси 80 во водечки меѓународни списанија индексирани во базите SCI и SCIE. Таа е и коавторка на пет учебници, а учествувала и во подготовката на книги и енциклопедии објавени од меѓународни издавачи, меѓу кои Springer, CRC Press и Wiley.
Нејзината академска кариера опфаќа истражувачки престои во институции во Франција, Германија и Соединетите Американски Држави. Меѓу признанијата што ги добила се наградата на Црногорската академија на науките и уметностите, плакетата на Универзитетот на Црна Гора за најдобра дипломирана студентка во областа на техничките, природните и математичките науки, наградата TRIMO за најдобра докторска дисертација и наградата на Министерството за наука за најуспешна жена во науката.
Како ректорка, таа ќе го предводи универзитетот во мандатниот период 2027–2030, со приоритети насочени кон академскиот квалитет, развојот на истражувањето и зајакнувањето на врските меѓу универзитетот и општеството.


