Од 14 до 21 август, Сараево ќе биде домаќин на 32. Сараевскиот филмски фестивал, кој во текот на осум дена ќе собере режисери, актери и филмски професионалци од целиот свет.
Фестивалот ќе биде отворен на 14 август со филмот „Татковина“ (Očevina), најновото остварување на полскиот режисер и добитник на Оскар Павел Павликовски, кој лично ќе ја поздрави публиката на свеченото отворање. Со овој филм Павликовски ја заокружува својата трилогија за Студената војна.
Филмот ја имаше својата светска премиера на овогодинешниот Филмски фестивал во Кан, каде што Павликовски ја освои наградата за најдобар режисер, потврдувајќи го својот статус како еден од најзначајните европски филмски автори.

Британската актерка Емили Вотсон ќе го добие признанието Почесно Срце на Сараево за исклучителниот придонес кон филмската уметност. Таа ќе биде и претседателка на жирито на натпреварувачката програма за долгометражен филм, враќајќи се во Сараево дваесет години по нејзината последна посета.
„Дваесет години по нејзината последна посета на Сараево, искрено нè радува што повторно можеме да ѝ посакаме добредојде на Емили Вотсон на фестивалот“, изјави директорот на Сараевскиот филмски фестивал Јован Марјановиќ.
Фестивалот годинава воведува и нова награда – Prix Cineplexx, воспоставена во соработка со кино-мрежата Cineplexx, една од водечките во Југоисточна Европа.
Наградата е вредна 20.000 евра, од кои 15.000 евра се наменети за маркетинг кампања за кино-дистрибуцијата на победничкиот филм во мрежата Cineplexx, додека 5.000 евра ќе му бидат доделени на продуцентот на филмот. Организаторите велат дека целта е да се зајакне врската меѓу фестивалското признание и успехот на филмот во кината.
Покрај филмските проекции, фестивалот повторно ќе ги организира CineLink Industry Days и Talents Sarajevo, програми што ги поврзуваат режисерите, продуцентите, дистрибутерите и младите филмски професионалци од регионот и пошироко.
Официјалната натпреварувачка програма, филмовите во конкуренција и останатите членови на жирито ќе бидат објавени подоцна овој месец.

