Собранието на Црна Гора го започна процесот за измена на Уставот, откако власта и дел од опозицијата постигнаа договор со посредство на Европската унија. Уставните измени се еден од последните политички услови за затворање на клучните поглавја во пристапните преговори со ЕУ, а се очекува да бидат завршени до 4 септември 2026 година.
Договорот беше постигнат по повеќемесечен политички застој, при што опозицијата одбиваше да ги поддржи измените поради несогласувања околу Законот за внатрешни работи и Законот за Агенцијата за национална безбедност (АНБ).
Според договорот, двата закона треба да бидат усвоени до 31 јули, кога ќе биде формирано и посебно работно тело за следење на нивната примена. За измена на Уставот е потребна поддршка од најмалку 54 пратеници, што сега се очекува да биде обезбедено со поддршка од дел од опозицијата.

Премиерот Милојко Спајиќ ја поздрави одлуката на парламентот, оценувајќи дека таа претставува важен чекор кон европската иднина на земјата. „Ја поздравуваме одлуката на речиси сите пратеници на Собранието на Црна Гора да го започнат процесот за измена на Уставот, што е еден од последните чекори во преговорите со ЕУ. Заедно до историската цел“, порача Спајиќ. Против гласаа само тројца пратеници од Демократската народна партија (ДНП).

