Програмата ќе се спроведува во период од десет години преку повеќефазен програмски пристап, при што се очекува учество и на други развојни партнери и претставници на приватниот сектор. Меѓу приоритетите се отстранување на тесните грла во преносот на гас, подобрување на инфраструктурата за подземно складирање гас и зајакнување на регулаторната и планската рамка во согласност со идното пристапување на Србија во ЕУ.
Според Светска банка, природниот гас ќе продолжи да има важна улога во текот на енергетската транзиција на Србија, додека земјата постепено ја намалува зависноста од јаглен и нафтени деривати и ја зголемува употребата на алтернативни и обновливи извори на енергија.
Институцијата соопшти дека се очекува програмата да им донесе придобивки на домаќинствата, компаниите, индустриските потрошувачи и системите за централно греење низ Србија.
За првата фаза ќе бидат обезбедени 170 милиони евра, односно 195,5 милиони долари, за подобрување на безбедноста и сигурноста на снабдувањето со гас, почнувајќи од магистралниот гасовод Трупале–Појате. Почетната фаза ќе го поддржи и развојот на организациските, институционалните и техничките капацитети во гасниот сектор на Србија.


